Германските сојузни обвинители поднеле обвинение против поранешен германски офицер за споделување тајни информации со руски разузнавачи.

Обвинението е поднесено поради сомнение дека Германецот Ралф Г. шпионирал за руските разузнавачки служби и објавувал доверливи документи во врска со гасоводот Северен тек 2. Според обвинението, тој бил во контакт со руски агенти од октомври 2014 година до март 2020 година.

Обвинетиот е осомничен дека работел за странска разузнавачка служба против Сојузна Република Германија и против земја членка на НАТО. Од октомври 2014 година, Ралф бил во контакт со руски разузнавач преку посредник. До март 2020 година, тој дал документи и информации за бројни случувања во Германија – велат обвинителите.

Ралф служел како резервен офицер во германските вооружени сили и бил заменик началник на окружната команда за врски. Обвинетиот бил член и на неколку комисии на германски бизнисмени.

Во обвинението се наведува дека тој споделувал документи и информации со руски агенти „во бројни прилики“ во текот на неколку години. Тој е обвинет дека го сторил тоа во замена за покани за настани организирани од Кремљ. Обвинителите соопштија дека обвинетиот споделил информации за резервниот систем на германската армија во врска со цивилно-воената соработка и „граѓанската одбрана“.

Ралф Г., исто така, е обвинет дека на руските разузнавачи им давал лични податоци и податоци за контакт на високи членови на германската армија.

Во обвинението се наведува дека тој имал пристап и до документи за последиците од економските санкции наметнати на Русија во 2014 година. Некои од документите ги содржеле и оние поврзани со гасоводот Северен тек 2.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.