Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, ја оправда одлуката на Берлин да не го забрани увозот на руска нафта како одмазда за случувањата во Украина.

Бербок истакна дека таквата одлука ќе ја турне Германија во хаос, што би било победа, а не пораз за Кремљ.

Ако Германија веруваше дека забраната за увоз ќе стави крај на војната, ќе го направеше тоа. Но не веруваме во такво нешто – порача Бербок.

Германија е зависна од Русија за една третина од увозот на нафта, што е многу поголема од зависноста на САД, кои претходно објавија ембарго за увоз на руски енергенси.

Доколку веднаш го забранивме увозот, утре во Германија немаше да можеме да се движиме –  истакна германската министерка.

Бербок додаде дека, во таков случај, клучните работници како наставниците или медицинските сестри нема да можат да доаѓаат на работа, а и струјата ќе биде проблем.

САД објавија дека воведуваат ембарго за увоз на руска нафта и гас, додека Велика Британија соопшти дека постепено ќе го укине увозот на руски енергенси до крајот на 2022 година, што дополнително ќе го зголеми притисокот врз Москва поради воената интервенција во Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.