Две лица, кои освен германско државјанство имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање на воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на обвинителството.

Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.

Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.

Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“ во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.

„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.