Со цел да заштеди гас, Германија враќа во употреба уште една термоелектрана на јаглен.
Станува збор за термоелектраната Хајден во градот Петершаген во Северна Рајна – Вестфалија, близу границата со Долна Саксонија, која треба да биде приклучена на мрежа од 27 август до крајот на април 2023 година, соопшти операторот на електраната, енергетската компанија Унипер.
Од 14 јули со уредба дозволено е термоелектрани на јаглен од таканаречената мрежна резерва, повторно да бидат ставени во функција, со цел да се заштеди гас. Според податоците на Сојузната агенција за мрежни системи, во јули, уделот на гас во производството на струја изнесувал 9,8 отсто.
Електраната Мерум во Хоенхамелн во Долна Саксонија, во сопственост на чешкиот енергетски концерн ЕПХ, веќе е реактивирана. Тоа на почетокот од август беше и првата електрана на јаглен во Германија повторно приклучена на мрежата од резерва, пишува германската агенција ДПА.
Според наводите на Унипер, со моќност од 875 мегавати, Хајден е една од најголемите електрани на јаглен во Германија. Таа работи од 1987 година, но во последно време беше во мрежната резерва, што значи оти само повремено произведувала струја заради стабилност на мрежата.
Унипер информира и дека во период додека работи електраната, производството на струја може да биде нерамномерно. Компанијата најави и плански прекин на производството на струја меѓу 23 октомври и 23 ноември.
Во исто време, австриската Влада во Парламентот не го доби двотретинското мнозинство за уредба што би овозможила повторно да се реактивираат електрани на јаглен.
Австрија исто така во голема мера зависи од рускиот гас, па Владата во Виена сакаше да ја намали зависноста со тоа што привремено ќе ја суспендира одлуката за напуштање на јагленот како гориво, јави бриселскиот портал ЕУРАКТИВ.
Владата планираше да ја повика индустријата, за да се заштеди гас, привремено да премине на јаглен и нафта како енергенти.
Министерката за енергетика, Леоноре Гевеслер го смета за целосно неодговорно, одбивањето на социјалдемократи да ја поддржат одлуката. Таа наведе оти термоелектраната Мелах, доколку има потреба од тоа, може да снабди со струја и греење 260.000 домаќинства.
Австрија во голема мера зависи од гас и е приспособена на негова употреба за греење за време на зимските месеци. Покрај проблемите со испорака на гас, поради екстремно сувото лето, земјата се соочи и со потпросечно производство на своите хидроцентрали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.