Во Германија се одржуваат претседателски избори, а скоро сигурно е дека на тоа место и во наредните пет години ќе остане сегашниот шеф на државата Франк-Валтер Штајнмаер, кој има поддршка од владејачката коалиција, но и од водечките опозициски партии.

Претседателот во Германија има мали политички овластувања, но е институција која ужива голем углед во јавноста.

Поранешниот министер за надворешни работи, 66-годишниот социјалдемократ Штајнмаер е на чело на државата од 2017 година. Во Германија претседателот може да биде биран само во два мандати.

Претседателот го бира Сојузното собрание кое се свикува на секое пет години и кое го сочинуваат 736 пратеници од Бундестагот и претставници на 16 сојузни покраини, меѓу кои нема само политичари, туку и јавни личности од културата или спортот.

Меѓу делегатите од покраините ќе биде и поранешната канцеларка Ангела Меркел, која од заминувањето од функцијата ретко се појавува во јавност.

Штајнмаер веќе обезбеди широка поддршка од трите владејачки партии – социјалдемократите, зелените и либералите, но и од опозициските христијански демократи. Три помали парламентарни партии предложија свои кандидати, но тие немаат никакви шанси.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.