Поранешниот германски канцелар, Герхард Шредер, кој ја предводеше владата од 1998 до 2005 година, смета дека неговата политика кон Русија била исправна.

Верував дека моите политички ставови за Русија се исправни. Како и досега, верувам дека тоа беше исправно, затоа сето тоа (критиката на неговата позиција за Русија) ме боли. Ова е мојот живот и јас го живеам. Не ми требаат другите да ми диктираат како да живеам. Критикувајте го тоа што сум го направил или пуштете ме да си одам, не очекувајте да се откажам од ништо. Во моментов се откажувам од премногу нешта, изјави Шредер.

Интервјуто со Шредер е снимено на 20 април во рамки на документарец за весникот Билд и неговиот поранешен главен уредник Каи Дикман и е наречен „Историја на Билд – тајната архива на поранешниот шеф Каи Дикман“.

Шредер во Германија е критикуван за неговиот проруски став.

Во интервјуто, тој нагласува дека политичката и економската изолација на Русија е невозможна на долг рок, а просперитетот на Европската Унија, вклучително и Германија, секогаш ќе зависи од снабдувањето со руски суровини.

Сопругата на поранешниот канцелар Сео Јонг Ким – Шредер, доби отказ од компанијата „NRW.Global Business“ откако таа и нејзиниот сопруг присуствуваа на прием организиран од Руската амбасада во Германија на 9 мај по повод 78-годишнината од победата во Голема татковинска војна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.