Советот на ЕУ и Европскиот парламент синоќа постигнаа договор седиштето на новата Администрација за борба против перењето пари на Унијата (АМЛА), која треба да почне со работа кон средината на 2025 година, да биде во германскиот град Франкфурт.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, АМЛА, која ќе ја има централната улога во ЕУ во спречување на перењето пари и финансирањето на тероризмот, предвидено е да има над 400 вработени.
АМЛА е замислено како тело со директни и индиректни контролни надлежности над правните субјекти и со овластувања за изрекување санкции и казнени мерки.
Новите правила на ЕУ за спречување на перењето пари и борба против финансирањето на тероризмот се дел од регулативата што Европската комисија ја предложи во јули 2021 година. Текстот на Предлог-регулативата беше усогласен меѓу Советот на ЕУ и Европарламентот лани во декември, при што остана да се одреди уште местото на седиштето на АМЛА.
Покрај Франкфурт, кандидати за седиште на АМЛА беа и Брисел, Даблин, Мадрид, Париз, Рим, Рига, Вилнус и Виена, а Еврокомисијата имаше задача да ја оцени подобноста на поднесените кандидатури.
Проценката околу можно седиште на АМЛА, ЕК ја објави минатиот месец, по што врз основа на неа претставниците на Европскиот совет и ЕП синоќа го избраа Франкфурт за седиште на агенцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.