Американскиот автомобилски гигант „Форд моторс“ планира во Европа да укине до 3.200 работни места и да пресели дел од дејностите со развој на производите во САД.

Како што објави германскиот синдикат „ИГ Метал“, компанијата сака да отпушти околу 2.500 работници во одделот за развој на производите и околу 700 во управата, а најмногу работници ќе бидат отпуштени од локациите во Германија.

Работниците во фабриката на „Форд“ во Келн, која вработува околу 14.000 луѓе, вклучително и 3.800 во центарот за развој на производите во Меркених, се известени за тие планови на состанокот на работничкиот совет во понеделникот.

Портпаролот на „Форд“ во Германија не сакал за „Ројтерс“ да го коментира соопштението на синдикатот, повикувајќи се на изјавата од петокот во која се наведува дека преминот на производството на електрични возила бара структурни промени.

Портпаролот на седиштето на „Форд“ во американската сојузна држава Мичиген, изјави дека разговорите со работничките совети во Германија продолжуваат и дека компанијата мора да биде „поконкурентна“ во преминот на производството на електрични возила. Конкретните деловни планови не сакал да ги коментира.

Минатата година „Форд“ најави две милијарди долари вложувања во проширувањето на производството во фабриката во Келн којашто би требало да произведува целосно електричен модел за купувачите со послаба куповна моќ. Фабриката во моментов го произведува моделот „Форд фиеста“, како и мотори и менувачи.

Американската компанија во Европа вработува околу 45.000 работници, а планира седум нови електрични модели, погон за склопување батерии во Германија и заедничко вложување за производство на батериски ќелии од никел во Турција.

Во „Форд“ заедно со германски „Фолксфаген“ планира во следните шест години да произведе 1,2 милиони возила на неговата електричната платформа МЕБ. Тоа партнерство има иднина, истакнаа претставниците на двете компании, иако портпаролот на „Форд“ за САД додал дека сѐ уште е потребно да се утврди улогата на „Фолксфаген“ во новата генерација електрични возила на американската компанија наменети за европскиот пазар.

Меѓутоа, ланскиот јуни од „Форд“ предупредија дека во скорешен период би можеле значително да го намалат бројот на работните места во Шпанија и во Германија, имајќи предвид дека за склопувањето на електричните возила изискува помалку работни часови.

Во првите девет месеци минатата 2022 година маржите на добивките на „Форд“, пред даноците, во Европа биле значително пониски отколку во Cеверна Америка. Во октомври компанијата предупреди на слабеењето на економското опкружување во Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.