Турција го одложи трилатералниот состанок со Шведска и Финска, закажан за февруари, по протестите што викендот се одржаа во Стокхолм, а на кои беше запален Куранот, што предизвика осуда од Анкара, објави државната телевизија ТРТ.

Средбата што требаше да се одржи во февруари во Брисел е одложена на барање на Анкара, објави ТРТ, повикувајќи се на турски дипломатски извори. Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на почетокот на месецов изјави дека на тој состанок ќе учествува и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Извор од турското претседателство изјави дека Турција не ја откажала, туку ја одложила средбата, без да прецизира за кога.

Ердоган претходно порача дека Шведска не треба да очекува поддршка од Турција за пристапување во НАТО по протестите во близина на турската амбасада во Стокхолм каде што беа запалени примероци светата книга на Исламот.

Минатата година Шведска и Финска поднесоа барање за приклучување кон Северноатлантскиот договор, по почетокот на руската воена операција во Украина, но за тоа им е потребна поддршка од сите членки, вклучително и Турција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.