Руската агресија врз Украина е директна закана за европската безбедност, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на нејзината посета на Индија.
– Таргетирање и убивање невини цивили. Прекројување на границите со сила. Ова е спротивно на основните принципи содржани во Повелбата на Обединетите нации. Во Европа, ние ја гледаме руската агресија како директна закана за нашата безбедност, рече таа во говорот на геополитичката конференција Раисина дијалог во Њу Делхи.
Таа додаде дека „неиспровоцираната и неоправдана агресија на Москва врз Украина“ е стратешки неуспех и оти Европската унија прави се за да и помогне на Украина да се избори за својата слобода.
– Затоа моравме да воведеме обемни, остри и ефективни санкции, рече таа, но додаде дека тие самите не се решение, туку дел од поширок план за постигнување дипломатско решение што ќе доведе до траен мир.
Фон дер Лајен е во дводневна посета на Индија, каде што се сретна со премиерот Нарендра Моди.
Нејзината посета на Индија се толкува како дел од напорите на Западот да го поттикне Њу Делхи да ги залади односите со Русија поради инвазијата врз Украина, пренесе Бета.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.