Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе престојува во посета на Египет, каде ќе учествува на Инвестициската конференција ЕУ-Египет, што денеска и утре се одржува во Каиро.

Предвидено е Конференцијата да започне со воведни обраќања на Фон дер Лајен и египетскиот претседател Абдел Фатах Ал-Сиси.

На Конференцијата се очекуваат околу 1.000 учесници, вклучително и египетски министри, претставници на ЕУ и европски финансиски институции и извршни директори од широк спектар компании од Унијата и Египет.

Како што соопшти Европската комисија, оваа Инвестициска конференција е првиот клучен резултат на Стратешкото и сеопфатно партнерство меѓу Египет и ЕУ, договорено од страна на Фон дер Лајен и Ал-Сиси во март 2024 година. Со партнерството се опфатени политички односи, економска стабилност, инвестиции и трговијата, миграцијата и мобилноста, безбедноста и демографијата и човечкиот капитал.

Конференцијата има за цел дополнително да ги промовира можностите за инвестирање во клучните сектори во Египет, како што се обновливите извори на енергија, циркуларната економија, фармацевтската, медицинската и автомобилската индустрија, земјоделството, производството на храна, снабдувањето со вода, иновациите и дигитализацијата, кои имаат потенцијал да придонесат за одржливиот развој и економската диверзификација на земјата.

На маргините на Конференцијата се очекува склучување на повеќе инвестициски спогодби меѓу европски и египетски компании, како и билатерални договори за соработка меѓу ЕУ и Египет за поттикнување на вработувањето и стручното оспособување, производството на вакцини, безбедноста на храната и одржлив развој.

За време на престојот во Каиро, Фон дер Лајен ќе биде придружувана од извршниот потпретседател на Европската комисија за економија во полза на луѓето Валдис Домбровскис и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.

Домбровскис во име на ЕУ ќе го потпише Меморандумот за разбирање со Египет за краткорочна макрофинансиска помош од една милијарда евра за поддршка на египетската програма за економски реформи, чија цел е зајакнување на отпорноста и потенцијалите на египетската економија. Помошта е дел од пакетот од 7,4 милијарди евра што го најави Фон дер Лајен во март за поддршка на стратешкото и сеопфатно партнерство со Египет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.