Финскиот претседател, Саули Нинисте, официјално ја заврши кандидатурата на Финска за членство во НАТО со потпишување законски измени на законите потребни за членство во Алијансата.

Овој потег на финскиот претседател значи дека Финска ги заврши националните мерки неопходни за влез во НАТО и сега чека само одобрение од Турција и Унгарија, единствените две од вкупно 30 членки на Алијансата кои не ја ратификуваа кандидатурата на Финска.

Нинисте ја посети Анкара минатата недела, кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети дека ќе продолжи со ратификацијата на барањето на Финска.

Тоа се очекува пред претседателските и парламентарните избори во Турција закажани за 14 мај.

Се очекува и унгарскиот парламент конечно да го одобри приемот на Финска во НАТО на 27 март.

Парламентот на Финска, кој има 200 членови, ја поддржа кандидатурата на земјата за членство во НАТО на 1 март со огромно мнозинство од 184 гласови.

Финска и соседна Шведска аплицираа за членство во НАТО пред 10 месеци, по руската инвазија на Украина.

Границата на Финска со Русија е вкупно 1.340 километри.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.