Британскиот принц Чарлс добил актовка полна со готовина како добротворна донација од поранешен катарски премиер, јавува Сандеј тајмс. Во текстот се наведува дека тоа е една од три донации во износ од по милион евра кои принцот од Велс ги примил од шеикот Хамад бин Јасим бин Џабера ал Тани.

Трите донации, со вкупна вредност од три милиони евра, на принцот му биле лично предадени меѓу 2011 и 2015 година, пишува британскиот весник.

Бакингемската палата соопшти дека донациите од шеикот веднаш биле проследени во една од добротворните фондации на британскиот принц и дека сè било направено во согласност до пропишаната процедура.

Во соопштението се тврди дека нема назнаки дека плаќањата биле незаконски.

Добротворните донации примени од шеикот Хамад бин Јасим веднаш се проследени во една од добротворните организации која спровела соодветна контрола и нè увери дека сè е направено во согласност со пропишаните процедури – се наведува во соопштението на Бакингемската палата.

Средствата ги примил Добротворниот фонд на принцот од Велс, чија цел е „да ги преобрази животите и да изгради одржливи заедници“, со доделување грантови за добри цели во областите како зачувување, образование, здравство и социјална вклученост.

Од Фондот, за Сандеј тајмс велат дека заклучиле оти  донаторот е легитимен и дека неговите ревизори ја потпишале донацијата.

Донациите на добротворните организации на принцот Чарлс се под лупа во последните месеци откако една од нив му понудила помош на саудиски донатор да обезбеди британско државјанство.

Полицијата претходно соопшти дека ги истражува тврдењата за фондација на принцот Чарлс според законот за чест (спречување злоупотреби) од 1925 година.

Се смета дека фондацијата нуди полна соработка, а Бакингемската палата соопшти дека принцот Чарлс не знаел за наводното нудење почести или државјанства врз основа на донации на неговите добротворни организации.

Мајкл Фосет, поранешниот асистент на британскиот принц и извршен директор на фондацијата, поднесе оставка во ноември откако добротворната организација отвори истрага за тврдењата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.