Руските сили вежбале употреба на тактичко нуклеарно оружје во раните фази на конфликтот со голема светска сила, според објавените руски воени документи кои вклучуваат сценарија за одговор на потенцијална кинеска инвазија.
„Фајненшл тајмс“ (ФТ) видел тајни документи кои го наведуваат прагот за употреба на тактичко нуклеарно оружје.
Аналитичарите кои ги прегледале документите велат дека прагот е всушност помал отколку што Русија некогаш јавно признала.
Станува збор за вкупно 29 тајни руски воени досиеја составени во периодот од 2008 до 2014 година, во кои се зборува за оперативните принципи за употреба на нуклеарно оружје.
Критериумите за потенцијален нуклеарен одговор се движат од непријателски упад на руска територија до поконкретни предизвикувачи, како што е уништувањето на 20 отсто од руските стратешки подморници со балистички ракети.
Ова е прв пат да видиме вакви документи објавени во јавен домен. Тие покажуваат дека оперативниот праг за употреба на нуклеарно оружје е прилично низок доколку не може да се постигне посакуваниот резултат со конвенционални средства, изјави Александар Габуев, директор на Карнеги центарот за Русија и Евроазија.
Руското тактичко нуклеарно оружје, кое може да биде лансирано со проектили од копно или море или од авион, е дизајнирано за ограничена употреба на бојното поле во Европа и Азија, за разлика од поголемите „стратешки“ оружја наменети за цел на САД.
Модерните тактички боеви глави можат да ослободат значително повеќе енергија од оружјето фрлено на Нагасаки и Хирошима во 1945 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.