Европскиот парламент денеска на заседанието во Стразбур со 418 гласа „за“, 185 „против“ и 67 „воздржани“ го усвои Буџетот на ЕУ за 2025 година, во вкупен износ од над 199,4 милијарди евра, од кои 800,5 милиони евра се наменети за реагирање на непредвидливи потреби.

Буџетот беше усогласен меѓу претставници на Европскиот парламент и на земјите членки на Унијата на 16 ноември, по што Советот на ЕУ во понеделниот даде „зелено светло“ за негово усвојување.

На инсистирање на европратениците во буџетот се обезбедени повеќе средства за поефикасно справување со предизвиците во здравството, хуманитарната помош, управувањето со границите и климатските активности.

Така, дополнителни 230,7 милиони евра беа пренасочени за истражувањето, здравствената заштита, образованието, младите земјоделци, социјалното осигурување, одговор на елементарни непогоди, климатската акција, хуманитарната помош, воената мобилност и граничните контроли. Покрај ова, дополнително финансирање од 422 милиони евра е обезбедено за програмата Еразмус+ и 20 милиони евра за иницијативата Хоризонт Европа.

Според претседателот на Комисијата за буџет на ЕП, белгискиот европратеник Јохан Ван Овертвелт, Буџетот е насочен кон справување со итните предизвици, како руската агресија врз Украина, тековните миграциски притисоци, ескалацијата на кризата на Блискиот Исток, влијанието на природните катастрофи и конкурентноста на европските економии.

– Ова ќе обезбеди ЕУ да може ефикасно да одговори на овие итни реалности, додаде Ван Овертвелт.

Известувачот на ЕП за Буџетот за 2025 година, романскиот европратеник Виктор Негреску изјави дека со речиси 200 милијарди евра, оваа буџетска рамка е за шест отсто поголема од овогодишната, со што се обезбедени уште 10 милијарди евра за „потребите на Европејците“ и за економско закрепнување на Унијата по Ковид пандемијата.

– Одобрувајќи го нашиот Буџет за следната година, испраќаме силна порака до граѓаните на ЕУ дека и покрај тешкиот политички и економски контекст, Европската Унија е во состојба да обезбеди финансиски средства неопходни за спроведување на нејзините политики и да одговори на потребите на луѓето, рече Негреску.

По одобрувањето на Буџетот за 2025 година од страна на европратениците, претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола ја потпиша Одлуката за негово усвојување и сега преостанува уште тој да биде објавен во Службениот весник на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.