Европскиот парламент ги поддржа измените на Законот на ЕУ за нето нула емисии на штетни гасови од индустријата и го усогласи својот став за стандардите за емисија на јаглерод диоксид од товарните возила, со што го трасира патот за понатамошни разговори меѓу институциите на Унијата за утврдување на конечните верзии и нивно усвојување.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со измените на Законот за нето-нула емисии од индустријата на листата се додаваат уште 17 технологии за кои ќе важат овие правила, додека со новите стандарди за емисија на јаглерод диоксид се бара намалување на ослободувањето на овој гас од новите камиони и се поддржува користењето на товарни возила што работат исклучиво на обновливи горива.
Измените на Законот за нето-нула емисии од индустријата беа усвоени со 376 гласа „за“, 139 „против“ и 116 „воздржани“, благодарение на поддршката на трите најголеми партиски групации во Европарламентот – Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и Да ја обновиме Европа (РЕ).
Предложениот Законот за нето-нула емисии од индустријата (НЗИА), кој Европската комисија го поднесен во март, сега ќе биде проследен до Советот на ЕУ, кој се очекува да се произнесе по него на почетокот на декември, по што би следувало усогласување на неговата финална верзија.
Со усвоената верзија на Законот од страна на ЕП на листата на индустрии за кои тој се однесува сега се наоѓаат 17 технологии, чие прилагодување на нето нула емисии се смета за неопходно за планираната транзиција на ЕУ кон климатско неутрална економија до 2050 година. Со првичниот предлог на ЕК беа опфатени 10 технологии поделени на две листи – „стратешка“ и „ секундарна“, но со измените предложени од ЕП се додаваат уште седум технолошки гранки и се вклучуваат во единствена листа.
Станува збор за технологиите за обновлива енергија (еолска и соларна), нуклеарна енергија, складирање на енергија, транспорт, складирање и употреба на јаглерод диоксид, метан и азотен оксид, потоа транспорт, инфраструктура за производство и полнење на водород, алтернативни горива, био-метан, полнење на електрични возила, топлински пумпи, енергетска ефикасност, дистрибуција на топлинска енергија, електрични мрежи, термонуклеарна фузија, електрификација и високоефикасни индустриски процеси за енергетски и јаглерод-интензивни индустрии, производство на биоматеријали и рециклирање.
Со усогласениот став за стандардите за емисија на јаглерод диоксид од товарните возила, се обврзуваат нивните производители да обезбедат намалување на емисиите на овој гас од новите камиони за 45 отсто од 2030 година, за 65 од 2035 и за 90 проценти од 2040 година, како што беше и во предлогот на Европската комисија.
Комисијата за животна средина на ЕП предлагаше намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид од камионите до 2035 година да биде 70 отсто, но под притисок на конзервативните европратеници во конечната верзија е усогласен првобитниот предлог.
Доколку предлогот биде конечно усвоен во форма на закон, тоа ќе значи зголемено производство на товарни возила што ќе се движат на погон на електрична енергија или водород, со цел постепено намалување на употребата на камиони со мотори со внатрешно согорување.
Дополнително, ЕП предлага со законското решение да бидат опфатени и т.н. „професионални возила“, како мешалки за бетон, камиони за отпад и возила за чистење на улиците.
Се очекува преговорите меѓу институциите на ЕУ за ова законско решение да се одржат на почетокот на 2024 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.