Еврокомесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски, оценува дека земјоделците ширум Европа не излегле на протести на улиците поради земјоделската политика на ЕУ, туку поради незадоволство од трговските и климатските политики на блокот.

Ваквиот став, полскиот еврокомесар Војчеховски го изнесува во одговор на писмото на претседателот на Комитетот за земјоделство на Европскиот парламент, Норберт Линс, во кое европратеникот побарал од него да покаже „политичко лидерство“ за справување со незадоволството на земјоделците, кои од крајот на минатата година протестираат во повеќе земји членки на ЕУ.

Војчеховски истакнува дека се согласува оти се потребни „брзи акции“, но според него, во некои случаи политичките иницијативи поврзани со Европскиот зелен договор „можеби отишле предалеку“. То вели и дека се потребни и промени во трговската политика на ЕУ.

Стоп за увозот, отфрлање на Зелениот договор, наведува Војчеховски, што претставува прво толку експлицитно противење на политиките на Европската комисија од страна на нејзин член.

Еврокомесарот смета дека увозот на земјоделски производи врз основа на договорите за слободна трговија на ЕУ со земји како Украина и Мароко, претставува „закана за европските земјоделци“, бидејќи, како што посочува, во земјоделското производство во овие држави на важат истите стандарди кои се бараат од фармерите во блокот според регулативите на Унијата.

Принципот на реципроцитет во трговските односи бара промени во нашата трговска политика и поголема заштита на земјоделството, наведува Војчеховски во одговорот.

Според него, дополнително, европските земјоделци треба да се ослободат од „оптоварувањата“ воведени со Зелениот договор, со тоа што нема да подлежат на санкции за неисполнување на пропишаните еколошки барања.

Тој потенцира дека трговската либерализација е корисна, но дека треба да се избегне ризикот од „продлабочување на дестабилизацијата“ на земјоделскиот пазар на ЕУ што таа може да го предизвика.

Интересите на земјоделците не треба да се жртвуваат за други интереси, смета Војчеховски, додавајќи дека е неприфатливо земјоделците да сносат големи трошоци како последица на трговската либерализација.

Слични барања, против трговската либерализација во земјоделскиот сектор и за отстапување од еколошките стандарди беа изнесени и за време на протестите на земјоделците.

Европските десничарски партии веќе подолг период се противат на мерките за зелена транзиција во ЕУ, а токму Војчеховски доаѓа од редовите на десничарската конзервативна и евроскептична партија „Право и правда“ (ПиС), која беше на власт во Полска до крајот на минатата година и за време на чие владеење дојде до влошување на односите меѓу Европската комисија и официјална Варшава, поради обвинувањата од Брисел за наводно непочитување на основните права и на принципите на владеењето на правото и независност на судството.

Во пресрет на изборите за Европскиот парламент, според аналитичарите, земјоделците, кои обично важат за поконзервативен дел од електоратот, во вакви услови на незадоволство лесно може да ги насочат своите гласови кон десницата.

Раководителот на бриселската тинк-енк организација Центар за европски политики, Фабијан Цулиг смета дека десните партии не можат да им понудат подобри решенија на земјоделците за нивните проблеми, но ќе се обидат да го искористат нивното незадоволство на изборите.

„Право и правда“ (ПиС) е членка на партијата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), која обединува национално-конзервативни, десничарски и евроскептични партии. ЕЦР, која е предводена од ПиС и „Браќата на Италија“ (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, се обидува да ги зајакне своите позиции пред изборите, со што би можела да има клучна улога при изборот на носителите на водечките функции во ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.