Европската унија подготвува закон за странски агенти, иако највисоките европски функционери жестоко ги критикуваа грузиските власти дека се обидуваат да донесат таков закон, објави „Политико“.

Бриселскиот портал, повикувајќи се на три извори, пишува дека ЕУ, како дел од борбата против странското влијание во блокот, работи на закон што ќе ги принуди невладините групи, консултантски фирми и академски институции да ги пријават сите финансирања надвор од ЕУ.

Планираното законодавство, кое е во рана фаза на подготовка, е слично на законите во Австралија и САД. Според американскиот Закон за регистрација на странски агенти, од 1938 година, лобистите кои работат во име на странска држава се обврзани да се регистрираат во американската федерална влада.

Европската верзија на законот веројатно нема да таргетира поединци, но доколку биде усвоена, и комерцијалните и непрофитните организации ќе мора да обелоденат финансирање што не е од ЕУ и се однесува на плаќање за академски студии, изјави претставник на Европската комисија за Политико, кој не сака да биде именуван.

Законот може да биде финализиран на крајот на мај, објавува Политико.

Според копија од прашалникот во кој имале увид од Политико, од испитаниците веќе било побарано да дадат детали за изворите на финансирање надвор од ЕУ.

Тоа прашање за финансирање изненади многумина, рече Ник Ајоса од Транспаренси Интернешнл, додавајќи дека „прашањата сугерираат дека проценуваат дали Транспаренси интернешнал е закана за демократијата“.

Некои невладини организации изразија загриженост дека доколку ЕУ продолжи со својата верзија на американскиот Закон за регистрација на странски агенти, некои силни луѓе, како што е унгарскиот премиер Виктор Орбан, би можеле да го искористат за да ги потиснат продемократските сили во нивната земја.

Со цел да ги отфрли тие стравувања, комесарката Јурова ќе има серија состаноци со граѓанските групи оваа недела, рече неименуваниот функционер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.