Европската Унија неделава би можела да го претстави планот за издавање заеднички обврзници, чиј износ би можел да биде огромен и би се искористил за финансирање на трошоците во енергетскиот и одбранбениот сектор, објави „Блумберг“.

Предлогот би можел да биде претставен по вонредниот самит на ЕУ, што во четврток почнува во Версај. Според планот, Европската комисија ќе издава обврзници и ќе ги канализира парите до земјите-членки преку поволни заеми за да ги финансира трошоците во наведените области – изјавиле официјални лица запознаени со подготовките, кои сакале да останат анонимни, бидејќи плановите сè уште не се објавени во јавноста.

Официјалните лица додаваат дека надлежните се уште ги разработуваат деталите за продажбата на обврзниците и висината на долгот.

Треба да најдеме нови алатки за да ги решиме новите прашања што ни ги поставува оваа криза – изјави синоќа еврокомесарот за економија Паоло Џентилони пред европратениците во Стразбур.

Тој додаде дека е на мислење оти лидерите на ЕУ на претстојниот самит во Версај ќе дадат политички насоки за натамошните чекори на Унијата.

„Блумберг“ наведува дека портпаролот на ЕК одбива да ги коментира деталите, изјавувајќи само дека официјалните лица продолжуваат да ја следат ситуацијата и се подготвени да одговорат на променливите околности.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.