Банкротот на Русија е само прашање на време, а со оваа војна рускиот претседател Владимир Путин ја уништува сопствената држава и иднината на нејзиниот народ. Ова денеска го изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа во интервју за германскиот весник „Билд“ рече дека санкциите секоја недела продираат подлабоко во руската економија и дека извозот во Русија опаѓа за 70%.

„700 руски авиони ги загубија своите лиценци поради недостиг на резервни делови и ажурирања на софтверот. Стотици големи компании и илјадници експерти и го свртуваат грбот на таа земја. Според сегашните прогнози, бруто домашниот производ на Русија ќе падне за 11 отсто”, рече таа.

Запрашана за подготовките за воведување на шестиот пакет санкции против Русија, Фон дер Лајен рече дека ЕУ продолжува да го следи банкарскиот сектор, особено Сбербанк, која сама сочинува 37% од рускиот банкарски сектор, но дека, се разбира, има енергетски проблеми.

Истакнувајќи дека земјите од ЕУ и плаќаат на Русија по 450 милиони евра секој ден само за испорака на нафта, таа изјави дека примарна цел е да се намалат приходите на Путин.

„Но, нафтата се тргува на глобално ниво. Она што не треба да се случи е тоа што Путин наплаќа уште повисоки цени на другите пазари… Затоа во моментов развиваме паметни механизми за нафтата да може да биде вклучена во следниот чекор од санкциите“, вели тaa.

Таа изјави дека Украина може да победи во војната и дека храброста и отпорот на Украина се импресивни.

На прашањето дали победата значи повторно протерување на Русија од источна Украина, фон дер Лајен рече дека победата значи повторно мир во Украина и под кои услови Украина одлучува сама.

На изјавата на „Билд“ дека во Украина се собираат докази за воени злосторства, Фон дер Лајен истакна дека е цврсто убедена дека сторителите за злосторствата ќе бидат казнети од меѓународниот суд.

„Формиравме истражен тим со Украина за да обезбедиме информации до Меѓународниот суд на правдата. Има многу докази за злосторства извршени од руски војници. Но, не само директните извршители треба да бидат изведени пред лицето на правдата, туку и оние кои се одговорни за оваа скапа војна коа чини илјадници цивили. Путин е одговорен за оваа војна, тој нареди инвазија и ги влече сите конци“, рече таа.

Фон дер Лајен посочи дека мора да направиме се за да заврши војната што е можно поскоро, но истовремено да се подготвиме за фактот дека, во најлош случај, војната може да трае со месеци, па дури и со години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.