Турција сака да ја зајакне соработката со Германија во набавката на производи од одбранбената индустрија, изјави претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Истанбул.
Тој додаде дека Анкара и Берлин се определени за борба против терористичките групи, посебно Курдската работничка партија (ПКК), терористичката организација Фетулах (ФЕТО), кои ја загрозуваат јавната безбедност на Германија.
– Имаме интензивни односи со нашата НАТО сојузничка – Германија во сите можни области помеѓу двете големи држави, посочи Ердоган.
Тој се осврна и на ситуацијата на Блиски Исток, наведувајќи оти израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху има „експанзионистички начин на размислување“ со очигледна намера да го прошири судирот вон неговите моментални граници.
Шолц вети дека Германија ќе ја интензивира одбранбената соработка со Турција. Тој потврди дека германската Влада одобрила испорака на одредено оружје и воена опрема за Турција.
– Турција е сојузник во НАТО и во таа смисла ние носиме одлуки кои водат до конкретни испораки – тоа се подразбира. Неодамна донесовме такви одлуки, а ќе има уште во иднина, истакна Шолц.
Турција е заинтересирана за купување авиони „Еурофајтер тајфун“ кои се заеднички произведени од Велика Британија, Германија, Италија и Шпанија. Шолц посочи дека во моментов се водат разговори помеѓу Велика Британија и Турција за потенцијална продажба.
Германската продажба на оружје на Турција изминатите години во голема мера беше блокирана од Партијата на зелените, коалицискиот партнер на канцеларот Шолц, поради внатрешно политички притисоци и различните ставови за надворешната политика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.