Претседателот на Турција Реџеп Таjип Ердоган, ден пред неговата посета на Албанија високо ги оценува билатералните односи, но покренува сомнеж за можност од државен удар од страна на организацијата на Фетула Ѓулен, која „сè уште е активна во Тирана“, пренесува Ора њуз.

Преку долга порака објавена на официјалната веб-страница на турското претседателство, на кое се повикува албанската телевизија, Ердоган со загриженост зборува за активноста на т.н.ФЕТО во Албанија, организација која е прогласена за терористичка организација во Турција.

-Терористичката организација на Фетула Ѓулен сè уште постои во Албанија. Преговараме со Албанија да ја намалат активноста на ФЕТО и да ги предадат нејзините членови на Турција. Таа е предавничка организација која се обиде да изврши државен удар во турската држава, има интеракција во Албанија, слична ситуација може да се случи и во Албанија, предупредува Ердоган.

Тој потсетува на средбата со Еди Рама во Анкара на 6 јануари минатата година, која, како што вели, отворила ново поглавје во односите меѓу двете земји.

Тогаш се согласиле дека „терористичката организација Фето претставува закана за двете земји“ и се заложиле дека нема да „ дозволат ФЕТО да ги труе односите меѓу Турција и Албанија“.

Движењето на Ѓулен во Турција се нарекува ФЕТО (Фетулистичка терористичка организација)а, нејзиниот лидер живее во Соединетите Американски Држави, а за чија екстрадиција Турција има доставено официјално барање. Официјална Анкара смета дека организацијата е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција ноќта на 15 јули во 2016 година. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.