Европа е опустошена повеќе од една година од најлошиот птичји грип од сите оние што некогаш се појавиле, предупредија санитарните власти, при што околу 50 милиони живина на фармите ѓирум континентот се заразени со вирусот.

Од октомври 2021 до септември 2022 година, Европа беше погодена од најлошата појава на високопатогена птичји грип (HPAI), која се прошири во 37 европски земји, со повеќе од 2.500 фокуси на фармите на континентот, се вели во извештајот на Европската агенција за безбедност на храна, (ЕФСА) Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) и референтната лабораторија на Европската унија.

Загубите на кокошки, патки и мисирки на фармите се всушност поголеми, бидејќи во бројката од 50 милиони заклана живина не е вклучено превентивното убивање што мораше да се изврши околу жариштата, додаваат од санитарната агенција. Епидемијата не стивнува од септември, а бројот на заразена живина дури се удвои со доаѓањето на зимата.

ЕФСА истакнува дека за прв пат повеќе немало јаз меѓу два епидемични бранови бидејќи вирусот не се повлекол во текот на летото. Оваа есен епидемијата беше полоша отколку во истото време минатата година, со повеќе од 35 отсто повеќе заразени фарми.

Од 10 септември до 2 декември годинава биле пријавени речиси 400 епидемии на фарми во 18 европски земји, особено во Франција, Велика Британија и Унгарија. Вирусот е откриен повеќе од 600 пати кај дивите птици, главно водни птици (патки, лебеди), кои можеби придонеле за ширење на вирусот во фармите, се вели во извештајот. На барање на Европската комисија, ЕФСА во моментов ја проучува можната стратегија за вакцинација, а резултатите ќе бидат познати во втората половина на следната година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.