Европската комисија денеска соопшти дека најостро го осудува обидот за бомбашки атентат на главниот обвинител на Бугарија. Дознавме за ова недозволиво дејствие, рече портпаролот на комисијата во одговор на прашање на прес-конференција, јави БТА.

Ова е бесмислен и кукавички чин на насилство за кој нема место во нашето општество. Очекуваме националните власти одлучно и брзо да ги изведат сторителите на овој грозоморен чин пред лицето на правдата. Засега не можевме да претпоставиме кои се причините за таквиот напад, додаде портпаролот.

Вчера попладне одекна експлозија на патот, во момент кога автомобилот на главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев и неговата колона се движела на патот од Самоков кон Софија.

Главниот обвинител бил цел на убиство, изјави заменик-главниот обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов. Тој нагласи дека не станува збор за заплашување, туку за обид за атентат.

Сарафов извести дека дошло до екстремно силна експлозија и дека од експлозијата е формиран кратер со длабочина од 30-40 см и дијаметар од близу три метри.

Експлозивната направа очигледно била наменета да убие. Не била со намера да заплаши, рече заменик-јавниот обвинител.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.