Европската комисија може да издаде задолжителни цели за намалување на гасот за земјите-членки на ЕУ во кризни сценарија, како дел од вонредниот зимски енергетски план, се вели во нацрт-предлогот во кој имала увид ДПА.

Во нацрт-планот, кој може да се промени, комисијата ги повикува земјите-членки на ЕУ да продолжат со доброволните мерки за намалување на потрошувачката на гас за да се избегне кризна ситуација.

Планот доаѓа во услови на зголемена загриженост за снабдувањето со енергија на Европската унија со оглед на војната во Украина, особено во Германија околу поправките на големиот руски гасовод.

„Северен тек 1“ во моментов е во фаза на планирано годишно одржување, кое треба да заврши в четврток. Тоа целосно го запре протокот на гас.

Дури и пред да ги затвори славините овој месец заради одржување, Русија го намалуваше протокот низ Северен тек од јуни, како одмазда за европските санкции за инвазијата врз Украина, потсетува ДПА.

Комисијата денеска одби да ги коментира предлозите кои сè уште се подготвуваат, Ерик Мамер, главниот портпарол на комисијата, на прес-конференција во Брисел рече дека се разгледува „најлошото можно сценарио“.

Обврзувачката цел на Комисијата за намалување е „да обезбеди неопходно севкупно намалување во ЕУ“ за зимските енергетски резерви на блокот, се наведува во нацртот, без да се наведе точна сума што треба да се заштеди.

Од земјите-членки на ЕУ се бара да ги ажурираат националните планови за вонредни состојби за да детализираат конкретни мерки за намалување на побарувачката до септември во консултација со соседните земји.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.