Европската комисија денеска испрати официјално барање до компанијата Мета за дополнителни информации за мерките што ги презела за спречување на објавувањето материјали за сексуална злоупотреба на деца на социјалната мрежа Инстаграм.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во писмото се бараат и информации за системот за препораки на Инстаграм за спречување на објавувањето на потенцијално штетни содржини.

Барањето до Мета е упатено согласно Законот за дигитални услуги, врз основа на кој, социјалните мрежи, онлајн пребарувачите и сајтовите за електронска трговија што добија статус на „големи онлајн платформи“ се должни да се усогласат со законските обврски за спречување на ширењето на нелегални и штетни содржини и за проценка на ризиците и преземање ефикасни мерки за заштитата на малолетниците.

Мета мора да ги достави бараните информации најдоцна до 22 декември 2023 година, по што врз основа на проценката на одговорите, Еврокомисијата ќе ги одреди следните чекори, кои можат да вклучат и отворање на формална постапка против компанијата согласно член 66 од Законот за дигитални услуги (ДСА).

Комисијата може да изрече казни за неточни, нецелосни или погрешно доставени информации како одговор на барањето, а во случај на недобивање одговор до крајниот рок може да одреди и парична казна.

Ова е трето барање на ЕК за дополнителни информации од страна на Мета, која е сопственик на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм. На 19 октомври, Еврокомисијата побара информации од компанијата во врска со ширењето на терористичка и насилна содржина, говор на омраза и дезинформации, а на 10 ноември и за прашања поврзани со заштитата на малолетниците. Денешните барања за информации се однесува на прашања кои не се опфатени со претходниот допис поврзан со заштитата на малолетници.

Врз основа на ДСА, изминатиов период ЕК поднесе барање за дополнителни информации и до ТикТок, Икс, Снепчет, Јутујуб, Амазон и АлиЕкспрес, кои во август годинава добија статус на „големи онлајн платформи“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.