Британскиот премиер Борис Џонсон одржа прес-конференција по денешниот самит на НАТО и состанокот на Г7. Тој рече дека Обединетото Кралство ќе работи со истомисленици за зајакнување на смртоносната помош за Украина и вети дополнителни 6.000 проектили.

Мора да поддржиме слободна и демократска Украина на долг рок. Ова е само почеток – рече Џонсон и посочи дека Велика Британија досега санкционирала повеќе од 1.000 руски физички лица и субјекти.

Тој додаде:

Пораката штоа Путин може да ја преземе е: Украина не е сама. Стоиме покрај граѓаните на Киев, Мариупол, Лавов и Доњецк. Како што рече и самиот претседател Зеленски, народот на Украина мора да победи, а Путин мора да пропадне – и тој ќе пропадне.

Британскиот премиер ја отфрли можноста за воведување зона на забранети летови над Украина.

– Воведувањето зона на забранети летови над Украина би значело дека нашите авиони можат да соборуваат руски авиони. Ниту една земја од НАТО не сака да го направи тоа. Треба да ни биде јасно за тоа. Тоа не е нешто за што размислуваме. Она што го правиме е помагање на Украина во испораката на одбранбено оружје – истакна Џонсон.

Коментирајќи ги тврдењата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека е антируски настроен, Џонсон рече дека тоа не е точно и дека сочувствува со рускиот народ, но не и со нивниот лидер Владимир Путин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.