Поранешниот британски премиер Борис Џонсон сподели пред јавноста за тоа како некои од европските лидери реагирале на руската инвазија на Украина. Тој истакна дека Германија била за брз пораз на Украина, додека Франција не верувала дека нападот ќе се случи се додека руските војници не ја преминале границата.

Џонсон рече дека имало различни ставови за тензиите меѓу завојуваните страни пред нападот што започна на 24 февруари.

Во изјавата за „Си-Ен-Ен“ тој ги издвои ставовите на трите најистакнати членки на ЕУ.

Германската позиција во една фаза беше дека ако тоа се случи, што би било катастрофа, тогаш би било подобро работата да се заврши брзо и Украина да се откаже. Мислев дека тоа е катастрофален начин на гледање на работите. Но, можам да разберам зошто тие размислуваа така, рече Џонсон.

Кога станува збор за Франција, Џонсон истакна дека воопшто не треба да има сомневање дека Французите и не верувале дека воопшто ќе има напад, се до последниот момент.

Францускиот претседател Емануел Макрон беше критикуван за неговото справување со кризата, а го посети Кремљ само неколку недели пред руската инвазија на Украина.

Италијанската влада на чело со Марио Драги во една фаза истакнуваше дека нема да може да ја поддржи позицијата што ја зазедовме, вели Џонсон, повторно поврзувајќи ја италијанската рамнодушност со зависноста од рускиот гас.

Поранешниот британски премиер уште изјави дека Западот брзо сфатил оти со Путин не може да се преговара и дека е потребен обединет фронт.

Џонсон посочи дека ЕУ направила сè брилијантно од почетокот на инвазијата, нагласувајќи дека „по моите стравувања, можам само да оддадам почит на начинот на кој делуваше ЕУ“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.