Две лица загинаа, а три се повредени во несреќа со балон на топол воздух во регионот на Кападокија, во округот Невшехир, Централна Турција, објавија турските ТВ станици Си-Ен-Ен-Турк и ТРТ-Хабер, цитирани од БТА.
Несреќата се случила поради ненадеен силен ветер во областа, поради што балонот многу нагло слетал.
Балонот полетал во 7.25 часот од областа Аванос. Во него имало 28 туристи и две лица од тимот во балонот. Загинатите туристи се шпански државјани. Повредените лица, кои исто така се Шпанци, се пренесени во државната болница во градот Невшехир, се вели во соопштението на надлежните.
Two Spanish tourists dead, 3 hurt in air balloon accident in Türkiye’s Cappadociahttps://t.co/b6RWba1pPO pic.twitter.com/RTRHQkwayu
— Yeni Şafak English (@yenisafakEN) October 18, 2022
Инцидентите со балони на топол воздух не се невообичаени во Турција. Во последните десетина години имаше неколку слични инциденти со смртни случаи и десетици повредени.
Инаку, балоните во Кападокија се едно од најдобрите искуства во оваа земја. Патниците вообичаено се будат рано взори, бидејќи незаборавно доживување е да се дочека утрото на балон.
Дневно со балони летаат околу 2.000 туристи. Пред летот има кратки упатства за тоа како треба да се однесуваат туристите за време на летот или во случај на незгода.
Цената за летот со балон околу карпите на Кападокија е различна и зависи од нивото на услугата. Основната цена е 100 долари по човек и вклучува превоз од хотелот, колачи и кафе и место во кошницата на балони, во која собира најмногу 28 луѓе. Летот трае околу 45 минути. За повисока цена се добива повеќе – подолг лет, побогат појадок и помалку сопатници во кошниците.
Кога има јак ветар или дожд, балоните не летаат. Кападокија е се попопуларна дестинација и за туристите од Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.