Лидерите на Финска денеска објавија дека оваа земја ќе побара членство во НАТО, што е голема промена во безбедносната политика на земјата, пишуваат повеќе светски медиуми.
Финска, која ја дели граница и тешко минато со Русија, целосно ја зајакна својата соработка со НАТО откако Русија во 2014 година го анектираше Крим.
Но, досега се воздржа од приклучување кон Алијансата за да одржи пријателски односи со својот источен сосед.
По повеќедневни шпекулации за тоа дека Финска поради војната во Украина сака и официјално да стане дел од Унијата и во државата сериозно се разговараа на оваа тема, се чини дека конечната одлука е донесена денеска.
Претседателот на Финска, Саули Нинисто и премиерката Сане Марин, објавија дека Финска ќе побара членство во НАТО, иако остануваат уште неколку чекори пред процесот за поднесување на пријава да може да започне.
„Финска мора да аплицира за членство во НАТО, без одлагање“, стои во заедничкото соопштение на претседателот и премиерот на Финска.
На прашањето дали Финска ќе ја испровоцира Русија со влегувањето во НАТО, претседателот Нинисто рече дека за тоа ќе биде виновен претседателот Владимир Путин.
„Мојот одговор е дека тој го предизвика сето ова. Нека се погледне во огледало“, рече тој.
Исто така, владејачката партија во соседна Шведска, која е поделена по ова прашање, в недела ќе објави дали е за приклучување кон сојузот.
Двете нации имаат дога историја на неутралност, која ги обликуваше нивната надворешна политика и идентитет. Ако станат членки на НАТО, тоа ќе претставува огромен чекор, пренесува Би-би-си.
Нивото на поддршка во јавноста за приклучување на НАТО нагло се зголеми за време на војната во Украина на рекордно високо ниво, па така 76 отсто од Финците и 57 отсто од Швеѓаните се изјаснија дека се „за“ членство во Алијансата.
Русија, која го користи проширувањето на НАТО како изговор за својата инвазија, силно се противи на овој потег.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.