Најмалку 296 лица загинале во големиот земјотрес што го погоди Мароко и предизвика материјална штета и паника во Маракеш и уште неколку градови, соопштија локалните власти, информирајќи за првиот биланс од катастрофата.
Националниот центар за научни и технички истражувања со седиште во Рабат соопшти дека земјотресот бил со јачина од седум степени според Рихтеровата скала и дека неговиот епицентар бил во провинцијата Ал Хоуз, југозападно од Маракеш, популарна дестинација за странските туристи.
Според привремениот извештај, 296 лица загинаа во земјотресот во провинциите и општините Ал-Хауз, Маракеш, Уарзазате, Азилал, Чичау и Тарудан“, се вели во соопштението на властите.
Во соопштението се додава дека повеќе од 150 лица се повредени и префрлени во болници.
Локалните медиуми објавија дека тоа е најсилниот земјотрес што го погодил Мароко во историјата.
Освен во Маракеш, тресењето на земјата се почувствувало и во Рабат, Казабланка, Агадир и Есауира, предизвикувајќи паника кај населението. Многу луѓе излегоа на улиците на тие градови во страв од уривање на нивните домови, според сликите објавени на социјалните мрежи.
Регионалниот центар за трансфузија на крв во Маракеш денеска ги повика жителите да даруваат крв за повредените.
Во февруари 2004 година, земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала ја потресе провинцијата Ал Хосеима, 400 километри североисточно од Рабат, при што загинаа 628 луѓе и предизвика огромна материјална штета.
Претходно, на 29 февруари 1960 година, земјотрес го уништи Агадир, на западниот брег на земјата, и остави повеќе од 12.000 мртви, или една третина од населението на градот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.