Службени документи за подморница на британската Кралска воена морнарица, чија вредност се проценува на околу 1,47 милијарди евра, со најдени во тоалет на паб, објави германската службена новинска агенција ДПА повикувајќи се на британските медиуми.

Британскиот таблоид „Сан“ објави дека документите со детали за подморницата „HMS Anson“ биле најдени во тоалетото од локалот „The Furness Railway“ во северозападната англиска грофовија Камбрија.

Документите ги прикажувале механизмите за дејствување на подморницата, а биле користени од членовите на екипажот за да научат, на пример, како да го намалат притисокот во делови од нејзиниот систем.

Од британската Кралска воена морнарица одговориле дека станува збор за воопштена документација којашто не содржела доверливи податоци.

Соговорникот на „Сан“ изјавил дека угостителскиот објект бил преполн со гости кога документите, означени како „деловно чувствителни“, биле пронајдени на подот во тоалетна кабина. Се додава дека пабот „The Furness Railway“ се наоѓа недалеку од бродоградилиштето „BAE Systems“ во градот Бароу-он-Фарнес, каде што подморницата била претходно изградена.

Подморницата „HMS Anson“ е петтата јуришна подморница од новата класа „Astute“ на британската Кралска воена морнарица. Пловилата од оваа класа се способни да лансираат крстосувачки наведуван ракети „Томахавк“, а на отворените извори на британската морнарица овие подморници се опишани како „најголеми, најнапредни и најсилни јуришни подморници“ кои некогаш ги користела морнарицата.

Извор од британската морнарица изјавил дека документите содржеле само поедноставен нацрт на системот, но не и појаснување за неговото функционирање.

Ова се вообичаени документи за вежба кои не содржат доверливи информации. Меѓутоа, ние сите безбедносни прашања ги сфаќаме крајно сериозно и ќе ги истражиме околностите за нивното наоѓање“, изјавиле од британската морнарица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.