Елитна единица на украинската армија вооружена со беспилотни летала досега уништила десетици „приоритетни“ цели бидејќи ги нападнала руските војници додека спиеле, пишува Тајмс.

„Аеророзвидка“ (аероизвидници) е специјална единица за воздушно извидување, а уништува руски тенкови, мобилни командни камиони и возила што носат електронска опрема од самиот почеток на руската инвазија на Украина.

Напаѓаме ноќе додека Русите спијат, изјави за весникот Јарослав Хончар, командант на „Аеророзвидка“.

Единицата има 50 групи со стручни пилоти на беспилотни летала, а нејзината база е во Киев. Хончар вели дека руските трупи не се движат ноќе, а ги кријат своите тенкови меѓу куќите во селата, бидејќи знаат дека Украинците нема да ги нападнат поради ризикот да убијат или повредат цивили.

Одредот првенствено напаѓа неподвижни конвои. Користат робусни дронови со осум ротори вооружени со противтенковски гранати и опремени се со термални камери.

Невозможно е да се видат нашите беспилотни летала ноќе. Штом ќе го лоцираме најважниот камион во конвојот, го напаѓаме. Можеме да го направиме тоа без да предизвикаме голема колатерална штета, дури и во селата. Можете да им се приближите ноќе, изјави за „Тајмс“ еден член на единицата, кој сакаше да остане анонимен.

Аероизвидничката флота располага со евтини комерцијални дронови и робусни специјално дизајнирани беспилотни летала со осум ротори што ги одржуваат инженери од единицата.

Најсилен им е дронот со име R18, кој може да помине растојание од четири километри, да лета 40 минути и да фрла бомби тешки пет килограми врз руските тенкови. R18 се смета за најдобар уред за ноќни операции во украинската армија бидејќи може прецизно да извидува, да насочува артилериски оган и да фрла експлозиви врз тенкови и камиони за електронско војување.

Единицата има на располагање и дрон со име ПД-1, извидувачки дрон кој може да помине осум часа во воздух.

Членовите на Аеророзвидка извршуваат 300 мисии дневно. Податоците што ги собираат се испраќаат до разузнавачкиот систем Делта, кој потоа ги идентификува приоритетните цели. Делта е поддржана и од Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО). Откако Делта ќе идентификува кои цели треба да бидат насочени, нивните координати се испраќаат до копнените единици кои ги напаѓаат веднаш штом падне ноќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.