Цените на нафтата продолжија да растат на азиското тргување денеска поради прекините на снабдувањето од Казахстан и Либија, кои ги надминаа проценките дека брзото глобално ширење на сојот омикрон ќе го задуши растот на побарувачката на гориво и ќе резултира со прекумерна понуда.

Европската нафта Брент поскапе за 24 центи или 0,3 отсто на 81,99 долари за барел во 7:30 часот по средноевропско време, додека американската нафта WTI поскапе за 22 центи, исто така 0,3 отсто, на 79,12 долари за барел, пренесува Ројтерс.

Цените на нафтата се зголемија за 5,0 отсто минатата недела поради протестите во Казахстан кои го нарушија железничкиот транспорт и го погодија производството на најголемото нафтено поле во Тенгиз, како и редовните ремонти на нафтоводот во Либија, со што се намали пумпањето на 729.000 барели дневно од минатогодишните високи 1,3 милиони барели дневно.

Најголемата мешовита нафтена компанија во Казахстан, Tengizchevroil (TCO), постепено го зголемува производството за да достигне нормално ниво на производство во полето Тенгиз, откако протестите го ограничија пумпањето во последните денови, објави во неделата операторот Шеврон.

Западните аналитичари за нафтениот пазар, исто така, шпекулираат за наводен можен руски напад врз Украина, кој според нив може да го наруши извозот на руска сурова нафта во Европа и дополнително да ги зголеми цените на „црното злато“.

Поддршка за цените на нафтата е обезбедена и од растечката глобална побарувачка и малото зголемување на понудата од Организацијата на земјите извознички на нафта, Русија и нејзините сојузници или групата ОПЕК +.

Производството на нафта во земјите-членки на ОПЕК се зголеми за 70.000 барели дневно во декември во споредба со претходниот месец, што е значително под 253.000 колку што е договорено со алијансата ОПЕК +.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.