Словенечкиот неделник „Демокрација“ ги разоткрива про-руските врски на новата владејачка партија Движење Слобода на Роберт Голоб.
Партијата беше формирана кусо време пред изборите, од кругот политичари, бизнисмени и коментатори близок до поранешниот претседател Милан Кучан, кој и во минатото формирал нови партии и движења со цел да се извојува победа на изборите против десничарската партија СДС на Јанез Јанша. Планот успеа и Голоб доби 41 од 90 пратенички места, наспроти 27 за Јанша, и очекува поддршка од други левичарски, зелени и центристички партии.

Јанша во текот на кампањата беше многу гласен по прашањето на војната во Украина, и беше еден од најборбените европски политичари, со своите повици за брза и силна западна реакција да се заштити Украина.

– Јанша ја преориентираше словенечката надворешна политика кон Запад со активна евро-атланска надворешна политика. Имавме прва посета на американски државен секретар на Словенија по повеќе од две децении. Словенија ја иницираше првата странска посета на Киев, на 24 февруари, кога премиерите на Словенија, Полска и Чешка дадоа поддршка и му дадоа надеж на украинскиот народ кога го посетија Киев кој се уште беше под напад, пишува „Демокрација“.

За разлика од ова, од партијата на Голоб навестуваат дека е можно дури и да ги нормализираат односите со Русија.

– Голоб ја правдаше руската инвазија врз Крим велејќи дека руските сили бранеле територии каде што живеат Руси. Марта Кос, поранешна генерална секретарка на движењето Форум21 на Кучан и кандидатка за претседател на изборите во ноември, која е заменик лидер на Движењето слобода, исто така не ја крие нејзината поддршка за Путин. Таа се спротистави на испраќањето оружје за самоодбрана на Русија и го нападна Јанша зошто го посетил Киев, но не и Москва. „Во иднината ќе мораме да зборуваме со Русија, нема да има безбедност во Европа без Русија“, изјави таа. Градоначалникот на Љубљана Зоран Јанковиќ е еден од најистакнатите поддржувачи на Голоб, кој пак беше потпретседател во сличното движење на Јанковиќ. Јанковиќ одби да го врати медалот што му го врачи лично Владимир Путин. ОБвинителот на Словенија Драго Штека во јануари отпатува во Русиуја и потпиша договор за соработка со руското обвинителство, без за тоа да знае словенечката Влада, пишува „Демокрација“, која обвинува дека зад овие врски стои Милан Кучан, како стар пријател на Владимир Путин.

Неделникот пишува дека руски тролови на социјалните мрежи го поддржувале Движењето Слобода, а се претпоставува дека оваа партија добила и руски пари. За возврат, се очекува дека Русија ќе побара од новата словенечка власт да ги застапува нејзините интереси, како на пример на компанијата Јандекс. „Демокрација“ вели дека може да се очекува Словенија сега сериозно да ја смени својата надворешна политика, и да се постави поблиску до Москва.

– Создавачите на новата партија на Роберт Голоб се обидуваат да се претстават како либерали на европската политичка мапа. Но идеологијата на Движењето Слобода нема ништо со либерализмот. Тие се длабока држава, исповрзана веќе во втора и трета генерација, на политичари кои својот успех го должат на левичарскиот монопол врз медиумите и на крајно левите невладини организации. Голоб исто така освои најголем дел од анти-ваксерскиот глас, бидејќи тврдеше дека Ковидот не е ништо пострашно од обичен грип. Во раководството се анти-пазарни демагози, синдикалисти, новинари, поранешни судии, поранешни соработници на тајните служби, невладини организации финансирани од владата и вработени во јавниот сектор. Приоритет на Голоб ќе биде да им се оддолжи на овие поддржувачи, пишува „Демокрација“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.