Поради кризите, прво Ковид-19, а сега војната во Украина, Белгија излегува од буџетските правила, дефицитот изнесува 20 милијарди евра според последните податоци, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ситуацијата ќе продолжи да се влошува со оглед на тоа дека кризата во Украина и последиците врз цените допрва ќе се чувствуваат.
Федералната влада на Белгија соопшти дека дефицитот достигнува 20,7 милијарди евра, што е 4,3 милијарди повеќе од предвиденото во буџетските рамки.
Причината е двојна – од една страна здравствена криза со Ковид-19 веќе значајно го оштети националниот буџет, а посебно потребата од бустер вакцина за населението на почетокот од петтиот бран од вирусот, како и финансиските отштети што им се доделија на погодените компании и лица поради кризата.
Од друга страна е војната во Украина за која итно се одвоени значајни суми за испраќање оружје и друга воена опрена, како и зголемувањето на инвестициите и средствата во одбраната на Белгија, согласно барањата на НАТО. Само за овие две кризи Белгија мораше да одвои две милијарди евра.
Се чини дека најтешкото допрва доаѓа, не само затоа што ќе треба да се продолжи со поддршка за борбата против вирусот и за војната во Украина, но и поради последиците врз цените. Властите најавија разни видови поддршка за граѓаните и компаниите, а се подготвуваат и нови мерки кои допрва ќе треба да се пресметаат во рамки на буџетот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.