Полицијата во Москва уапси две жени и пет деца кои сакале да положат цвеќе пред зградата на украинската амбасада во руската престолнина. На фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледа како децата во раце држат пароли „Не за војна“.

Деца на возраст од 7 до 11 години и нивните мајки биле пикнати во полициско комбе пред да бидат одведени во полициска станица, каде поминале неколку часа, обави антропологот Александра Аркипова, вработена во Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација, пренесува „Гардијан“.

Според нејзините информации, полицијата им се заканувала на мајките со одземање на старателството. Тие чекаат судење и парична казна за сè уште неидентификуваните обвиненија.

Веб-страницата OVD-Info, која ги следи протестите и апсењата ширум Русија, објави дека децата помлади од 14 години не можат законски да бидат задржани во полиција повеќе од три часа.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба, кој сподели фотографии од децата, рече дека случајот е уште еден доказ дека војната на Путин ја плаќаат децата.

Владимир Путин војува против децата. Во Украина, каде што неговите ракети погодија градинки и сиропиталишта, но и во Русија. Овие малишани ја поминаа ноќта зад решетки во Москва поради постери на кои пишуваше „Не за војна“. Вака изгледа кога човек се плаши, напиша тој на Твитер.

Илјадници луѓе во градовите низ Русија им пркосат на полициските закани и организираат протести против украинската инвазија. Властите имаат ниска толеранција за демонстрации и маршеви, а учеството во нив може да има сериозни последици како парични казни, апсења, па дури и затвор.

Руските власти досега уапсија повеќе од 320 антивоени демонстранти во 33 руски градови. Вкупно 6.840 лица се приведени откако Владимир Путин нареди инвазија на Украина минатиот четврток.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.