Последиците од климатските промени во наредните децении веќе се смртна закана за неколку милиони луѓе и ќе предизвикаат сериозни болести и високи трошоци за здравствените системи, се вели во извештај објавен во вторник во Давос.
Поплавите се најголем ризик, се наведува во заедничкиот извештај на Светскиот економски форум (СЕФ) кој оваа недела се одржува во Давос и консултантската фирма Оливер Вајман.
Авторите на студијата анализирале шест клучни последици од климатските промени: поплави, суши, топлотни бранови, тропски бури, шумски пожари и пораст на нивото на морињата.
Студијата се заснова на средното сценарио на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) за пораст на температурата до 2100 година, што претпоставува просечно зголемување на температурата за 2,7 степени Целзиусови.
Според студијата, климатските промени би можеле да предизвикаат до 14,5 милиони смртни случаи во светот до 2050 година. Здравствените системи ќе мора да сносат дополнителни трошоци во вкупна вредност од 1,1 трилиони долари.
Според проценките, само поплавите би можеле до 2050 година да предизвикаат 8,5 милиони смртни случаи – не само директно, туку и индиректно, поради штетите на посевите, зголемувањето на заразните болести и поголемата влажност, што може да предизвика респираторни заболувања.
Азиско-пацифичкиот регион, со неговите густо населени крајбрежни региони, најверојатно ќе го сноси најголемиот товар.
Авторите очекуваат втората највисока стапка на смртност од 3,2 милиони смртни случаи да биде предизвикана од суши – првенствено поради долгорочните ефекти од опаѓањето на квалитетот на водата и помалку плодната почва врз смртноста на децата.
Според извештајот, топлотните бранови би можеле да предизвикаат 1,6 милиони смртни случаи до 2050 година, особено кај постарите луѓе.
Извештајот предвидува и зголемување на бројот на болести и случаи на инвалидитет при работа. Повисоките температури, на пример, може да предизвикаат значително ширење на комарците, поради што инфекциите со маларија, денга и зика ќе бидат почести во Европа и во САД.
Според студијата, регионите во Африка, Блискиот Исток и Азија би биле особено погодени од здравствените последици од климатските промени.
За резултатите од извештајот ќе се разговара на Светскиот економски форум во Давос в четврток.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.