Данска соопшти дека ја отвора вратата за присуство на американски војници и воена опрема на нејзина територија како дел од новиот билатерален договор што го олеснува движењето на американските војници во Европа во услови на тензиите меѓу Западот и Русија.

САД и подадоа рака на Данска, која, исто така, е членка на НАТО, и и’ понудија билатерална соработка во областа на одбраната – изјави премиерката Мете Фредриксен на прес-конференција.

Таа појасни дека сè уште не е дефинирана точната форма на оваа соработка, но дека може да опфати и присуство на американски војници и воена опрема на данска територија.

Данската премиерка изјави дека преговорите за идниот договор не се забрзани од актуелната криза меѓу Русија и Украина, иако истакна дека сегашната криза ја „илустрира“ потребата од засилена соработка.

НАТО и САД се гаранти на нашата безбедност, затоа формираме заеднички фронт со САД кога западните вредности, како демократијата и слободата, ќе бидат доведени во прашање – изјави данскиот министер за одбрана Мортен Бодсков.

Француските медиуми наведуваат дека оваа нордиска земја, која се бореше заедно со Американците во Ирак, во последните две децении стана еден од најблиските сојузници на Вашингтон во Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.