Првиот хуманитарен конвој на Обединетите нации по разорниот земјотрес во понеделникот премина од Турција во северозападна Сирија, потврдија ОН.

Шест камиони со „засолништа и комплети за непрехранбени производи, вклучително и ќебиња и хигиенски комплети“ стигнаа денес во Баб ал-Хава, единствениот граничен премин овластен од Советот за безбедност на ОН за испорака на помош, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).

Следните конвои ќе имаат различни видови помош обезбедени од различни агенции на ОН, како што се медицински материјали и прехранбени производи.

Протокот на хуманитарна помош беше привремено прекинат по првиот земјотрес пред зори во понеделникот поради логистички проблеми и оштетување на патот што го поврзува Газиантеп со претоварниот центар на ОН во Хатај.

Камиони со хуманитарна помош на граничниот премин Баб ал-Хава со Турција, Сирија, 9 февруари 2023 година [Омар Ал-Бам/Ројтерс]
На Сиријците погодени од разорниот земјотрес им е потребно „апсолутно сè“ во смисла на помош, вели специјалниот претставник на Обединетите нации Геир Педерсен.

Преминот Баб ал Хава пред земјотресот беше спас за околу 4,5 милиони луѓе кои бегаа од граѓанската војна во земјата.

Според податоците на ОН, 90 отсто од тамошното население и пред земјотресот зависело од хуманитарна помош.

Регионот е дом на милиони луѓе кои се раселени, понекогаш и повеќе пати, поради борбите во Сирија. Тие и до сега беа погодени од неухранетост, колера, студено време, а сега и од последиците од земјотресот.

Баб ал Хава е единствениот отворен премин од четирите гранични премини меѓу Турција и Сирија.

Пред земјотресот сириската влада сакаше хуманитарната помош да минува само низ подрачјата од земјата под нејзина контрола, но сега не поставува такви ограничувања.

Според бројките на владата во Дамаск и спасувачките групи, загинале најмалку 2.530.

Земјотресот сега е најсмртоносниот сеизмички настан во светот по земјотресот и цунамито во 2011 година, во кои загинаа речиси 20.000 луѓе во Јапонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.