Претседателската трка во САД влегува во одлучувачката фаза, поради што многу експерти, политичари и медиуми почнуваат да даваат свои прогнози за исходот од изборите и што ќе донесе новиот американски претседател.
Така, американската агенција „Ројтерс“ предвидува какви одлуки ќе донесе поранешниот претседател, Доналд Трамп доколку победи на претстојните избори и се врати во Белата куќа.
Пред сè, тој ќе организира кадровска чистка во Пентагон, ЦИА, ФБИ, Стејт департментот и другите федерални оддели.
Како што пишува „Ројтерс“, тоа нема да е изненадување, со оглед на тоа што Џо Бајден, кој го замени Трамп во 2020 година, веднаш ги отпушти сите луѓе на својот претходник. Затоа, логично би било и Трамп да го стори истото, за луѓето на Бајден да не се мешаат во спроведувањето на неговата програма.
Покрај тоа, Трамп ќе го зголеми влијанието врз сојузниците во Европа и Азија за да ги зголемат нивните буџети за одбрана и да платат за присуството на американски војници на нивната територија. Воената помош за сојузниците ќе почне да опаѓа, а членките на НАТО блокот генерално ќе бидат економски казнети доколку во военот буџет на Алијансата придонесат со помалку од 2% од нивниот БДП.
Третата важна точка во реториката на Трамп е Мексико и нелегалната миграција. Границата кон јужниот сосед ќе се зајакне, а понатаму, тој ќе почне преговори со Мексико за воведување на американската војска на територијата на земјата за борба против локалните нарко картели.
Намалување на трговијата меѓу САД и Кина е исто така многу веројатно. Трамп ја смета Кина за непријателска сила, па затоа е многу можна нова рунда економска конфронтација.
Трамп нема да заборави на Украина, бидејќи таа е еден од главните проблеми во односите со Русија, со која Трамп, во основа, не сака да има лоши релации. Финансиската и воената поддршка за Киев ќе биде сериозно намалена или целосно запрена.
Затоа, пак, поддршката за Израел ќе достигне ново, уште повисоко ниво. Сите други надворешнополитички аспекти ќе бидат помалку значајни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.