На азиските берзи денеска пораснаа цените на акциите, бидејќи инвеститорите се охрабрија од закрепнувањето на Волстрит. Цената на нафтата за барел, на лондонскиот пазар, по повеќе од седум години, надмина 115 долари.
Берзанскиот индекс во Австралија „скокна“, благодарение на растот на акциските цени на големите рударски компании. Причината е тоа што, покрај цената на нафтата, растат и оние на другите суровини.
Од друга страна, податоците што укажуваат на забавување на растот на кинеската економија, имаа негативно влијание врз берзата во Шангај.
И покрај вчерашниот скок на Волстрит, на азиските берзи, сепак, се тргува внимателно. Инвеститорите ги следат вестите за нападите на руските војници врз украинските градови.
Истовремено, инвеститорите проценуваат како продолжението на војната во Украина, како и санкциите на Западот против Русија, можат да влијаат врз финансиските пазари и глобалната економија.
Цената на нафтата продолжи да расте брзо, со оглед на тоа што трговците стравуваат дека идните месеци ќе падне испораката на „црното злато“ од Русија, поради санкциите од Западот, како и повлекувањето на западните нафтени компании од оваа држава.
За барел, цената на лондонскиот пазар порасна за 3.09 отсто, на 116.42 долари. Во еден момент достигна и 118.22 долари, нов највисок рекорд за повеќе од седум години.
На американскиот пазар пак, поскапи за 2.43 отсто, на 113.30 долари.
– Околу 30 отсто од европскиот увоз на гас и нафта, пристигнува од Русија, а земјата сочинува приближно 11 проценти од светското производство на нафта. Накратко кажано, инвеститорите стравуваат од стагфлациски шок, тврди Шејн Оливер, стратег во фондот АМП.
На валутните пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна.
Индексот на доларот, што ја покажува вредноста на американската, во однос на останатите шест најважни светски валути, се движи околу 97.50 поени. Вчера во истото време, изнесуваше 97.43 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута, порасна од вчерашните 115.05 на 115.65 јени.
Американската валута порасна и во однос на европската. Цената на еврото се „лизна“ на 1.1110 долари, за разлика од вчера во истото време, кога изнесуваше 1,1115 долари.
Курсот на еврото се движи блиску до најниските нивоа од мај 2020 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.