Германскиот Парламент Бундестагот денеска со мнозинство гласови на владејачката социјалдемократско-зелено-либерална коалиција го отфрли барањето на опозициските демохристијани за испорака на крстосувачки ракети „Таурус“ во Украина.

Опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ поднесе барање во Бундестагот за „пресврт во германската надворешна и безбедносна политика“, што ќе овозможи испорака на ракетниот систем „Таурус“ во Украина.

Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и претставничката група на Унијата ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Фридрих Мерц, ги повика претставниците на партиите на владејачката коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите (ФДП) да гласаат според нивната совест и да ја одобрат испораката на „Таурус“.

Украина и натаму не добива во целосна мерка средства што ѝ се потребни за успешно да се одбрани од руската агресорска војна – рече Мерц.

Советот за безбедност на Германија, во кое германскиот канцелар Олаф Шолц го има одлучувачкиот збор, ја отфрла испораката на германскиот ракетен систем воздух-земја за Украина.

Набљудувачите сметаат дека Шолц ја отфрла испораката на ова вооружување со оглед на тоа дека овие ракети со дострел од 500 километри би можеле да се користат и против цели длабоко на територијата на Русија и да служат за можна ескалација на конфликтот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.