Бугарскиот парламентот ќе се состане на вонредна седница в недела поради скандалот околу резолуцијата за Сребреница. Ова ќе се случи само 7 дена пред претстојните избори за европратеници и за нови народни претставници.

Одлуката за распоред ја потпиша Росица Кирова од ГЕРБ. Објавувањето на датумот на состанокот само еден ден порано, како и неговото закажување на одмор за време на предизборна кампања, го наметнува прашањето дали ќе се собере кворум или дали состанокот има намера да пропадне.

На дневен ред на пратениците е предвидено сослушување на вршителот на должноста премиер и министер за надворешни работи Димитар Главчев поради доставените документи дека тој ѝ наредил на бугарската амбасадорка во ОН, Лечезара Стоева, да гласа „воздржано“ во име на Бугарија и покрај тоа што Софија е меѓу коспонзорите на документот со кој минатиот четврток датумот 11 јули беше потврден како „Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница“. Меѓутоа, таа одбила. Според неофицијални информации, наредбата на Главчев, кој е и министер за надворешни работи, дошла по притисокот на лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов на барање на српскиот претседател Александар Вучиќ. ГЕРБ јавно демантира дека му се мешале на Главчев, а преодната влада во скандалот виде „хибриден напад“.

Во саботата долгогодишниот кадар на ГЕРБ, Главчев, повторно не објасни зошто побарал од Бугарија да гласа „воздржано“, наместо тоа најави дека нема да коментира за „криминалното протекување на работни документи во недовршена фаза на одлучување“.

„Нема никаков скандал, некој се обидува да направи скандал. Имаме официјален став искажан со гласање на нашиот постојан претставник во ОН. Не знам зошто овој факт се испушта и се поминува низ работни документи, дел од процесот на одлучување. Нема да учествувам на предизборни спектакли што ќе се организираат во последната недела пред изборите“, додаде Главчев пред официјално да биде објавено дека утре ќе биде вонредната седница на парламентот.

Барањето за седницата беше поднесено во петокот од „Продолжување на промената – Демократска Бугарија“ и беше потпишано од повеќе од 48 пратеници.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.