Процентот на Британци кои мислат дека излегувањето на Велика Британија од Европската унија е грешка достигна рекордно високо ниво и го надмина мнозинството, покажа анкета на YouGov објавена денеска.

Со малку економски придобивки по Брегзит, 57 отсто од Британците, анкетирани во јули, сметаат дека одлуката за напуштање на Европската унија во 2016 година е погрешна, во споредба со 32 отсто кои сметаат дека е исправна.

Повеќе од половина, 55 отсто би гласале за повторно влегување во ЕУ, наспроти 31 отсто кои рекле дека би биле за останување надвор од Унијата.

Пред малку повеќе од две години, во јануари 2021 година, 49 отсто од анкетираните изјавија дека ќе гласаат за повторно приклучување, додека 37 отсто би биле против.

Британскиот премиер Риши Сунак во мај рече дека Брегзит има бенефиции, наведувајќи ја политиката на слободни пристаништа и намалувањето на ДДВ, што според него ќе ги поевтини пивото и санитарните производи.

Економистите велат дека слободните пристаништа, специјалните зони кои содржат даночни и царински олеснувања и поедноставени трговски регулативи, веројатно нема да ја поттикнат британската економија, но може да имаат ограничена вредност како алатка за регионален развој.

Британските деловни инвестиции едвај пораснаа од средината на 2016 година, за разлика од другите напредни економии.

Додека економистите кои го поддржуваат Брегзит укажуваат на фактот дека капиталот силно растел во годините до 2016 година и требаше да забави, деловните анкети укажуваат на Брегзит како една од причините за стагнација.

Анкетата на YouGov во која учествуваа повеќе од 2.000 Британци покажа дека 63 отсто сега го гледаат Брегзит повеќе како неуспех отколку успех, во споредба со 12 отсто кои го сметаат повеќе за успех.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.