Британскиот советник за национална безбедност, Стивен Лавгроув, смета дека Западот ризикува да влезе во нуклеарна војна затоа што одбива доволно да разговара со Русија и Кина.

Според Лавгроув, светските суперсили подобро се разбирале за време на Студената војна и недостатокот на дијалог ја зголемил можноста за погрешна пресметка, пренесе „Би-Би-Си“.

Тој додава дека светот е во „нова ера на ширење“ каде опасното оружје е лесно достапно.

Лавгроув зборуваше во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, фокусирајќи се на последиците од руската воена операција во Украина и како што тој го нарече „лидерскиот натпревар во ерата по Студената војна“.

Тој порача дека за време на децениите на Студената војна, западните сили имале корист од прерогативи кои придонеле за „разбирање на советските доктрини и способности, а обратното е исто така точно“.

Тоа им даде на двете страни повисоко ниво на самодоверба, за да не направиме погрешна пресметка и да не влеземе во нуклеарна војна. Меѓутоа, денес ги немаме истите основи со оние кои можат да ни бидат закана во иднина, конкретно, мислам на Кина – изјави Лавгроув.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.