Лук Хардинг е новинар на британски „Гардијан“ кој е во Украина во последните шест месеци. Пред почетокот на руската воена операција, тој патувал низ земјата и ги снимал тамошните настани. Сега Хардинг низ исцрпна анализа објави пет сценарија за тоа што може да се очекува во следните шест месеци на бојното поле во Украина.

Војната најверојатно ќе трае најмалку една година, но нејзиниот интензитет се намалува

Можеби поминаа шест месеци војна, но ниту Украина ниту Русија не се подготвени да престанат со борбите и покрај претрпените загуби, пишува „Гардијан“. Украина сака да ги врати изгубените територии, а Русија сака да продолжи да му нанесува болка не само на својот противник, туку и на Западот. Кремљ верува дека зимата ќе игра во нивна корист. Откако се појавија докази за масакри во Буча, Ирпин и други територии окупирани од Русија северно од Киев, немаше преговори меѓу двете страни. Сепак, линиите на фронтот не се променија многу по падот на Лисичанск во јуни. Двете страни се повеќе се исцрпуваат.

Киев нема средства за ефективен конвенционален контранапад

Украина би сакала повторно да го заземе градот Херсон, кој се наоѓа западно од реката Дњепар. Но, висок украински функционер открил за новинарот на „Гардијан“ дека „Украинците немаат доволно работна сила или оружје за да ги турнат Русите назад колку што сакаат“. Затоа стратегијата на Киев во последно време најмногу вклучува ракетни напади на подолги растојанија (до 80 километри) и смели напади на специјалните сили врз руските бази длабоко зад фронтот.

Претседателскиот советник Михајло Подољак рече дека сега целта на нападот е „да се создаде хаос во руските сили“. И додека таквата тактика сигурно ќе ја намали ефикасноста на напаѓачите, тешко дека ќе доведе до тоа Русите да се предадат и да го препуштат Херсон на Украинците.

Иако Москва сè уште сака да продолжи со освојувањето на украинската територија, нејзиниот фокус ќе биде на задржување на она што претходно го освои

Москва навистина нема никаков офанзивен план освен употреба на моќна артилерија и целосно уништување на места и градови кои се на пат. Тие го прават тоа затоа што е ефикасно, а делумно и за да ги намалат сопствените човечки загуби. Русите продолжуваат со оваа стратегија околу Бахмут во Донбас, но напредокот е бавен. Делумно затоа што мораа да испратат дел од силите во Херсон. Путин можеби не го постигна она на што се надеваше на почетокот на војната, но Русија сега контролира големи делови од украинската територија на исток и југ и активно промовира референдум за анексија. Како што се приближува постуденото време, Москва најверојатно ќе се фокусира на консолидирање на она што го има.

Зимата ќе предизвика нова бегалска криза

Украина е веќе загрижена бидејќи нема да има греење на гас за станбените блокови во провинцијата Доњецк, како и во другите области на фронтот. Еден хуманитарец предвиде дека ќе има нов миграциски бран во зима, кога дури 2 милиони луѓе од Украина би можеле да се упатат кон Полска.

Русите ја гледаат зимата како можност. Украина стравува дека Русите потоа ќе ја таргетираат нејзината енергетска мрежа и дека едноставно би можеле да ја нападнат огромната нуклеарна централа Запорожје.

Западот мора да одлучи дали навистина сака Украина да победи

Украина ќе беше поразена без западната воена помош. Но, Западот сè уште не ги снабдува со доволно оружје, како што се борбени авиони, што ќе му овозможи на Киев навистина да ги избрка руските напаѓачи. Политичарите постојано зборуваат за потребата да се принуди Русија на нејзините предвоени граници, но тие не ѝ даваат на Украина доволно оружје за да можат тоа всушност да го направат.

Во исто време, хуманитарната криза во Украина станува се поочигледна. Нема доволно пари за обнова – многу куќи североисточно и северозападно од Киев сè уште стојат уништени пет месеци по заминувањето на Русите. Очајните жители живеат во гаражи или импровизирани монтажни куќи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.