На приватниот авион во сопственост на рускиот милијардер Евгениј Швидлер му е забрането да лета во Велика Британија, соопштија властите.

На авионот, што е во сопственост на Швидлер, му е суспендирана дозволата за летање по истрага на британските власти, објави Би-Би-Си.

Минатиот месец британскиот секретар за транспорт, Грант Шапс, го блокираше авионот при обид да го напушти аеродромот „Бигин Хил“ во југоисточен Лондон, што овозможи истрага на властите со цел да ја утврди неговата сопственост.

Авионот Цесна, регистриран како G-LATO, моментално се наоѓа во Лондон на одржување и поправка, а Шапс го посетил аеродромот за да го види леталото, наведува Би-Би-Си.

Во таа прилика тој рече дека „на руските олигарси кои имаат корист од режимот на Путин“ нема да им биде дозволено да си ја вршат работата како досега, откако „почна оваа целосно неиспровоцирана војна“.

Шапс додаде дека авионот нема да патува никаде „во догледно време“.

Тој, исто така, најави дека сите руски авиони, според британските власти, сега се класифицирани како „неспособни за летање“, бидејќи во моментов тие „не се одржуваат според прописите поради санкции“, пренесе Би-Би-Си.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.