Граѓани денеска почнаа да се собираат пред Бакингемската палата во Лондон, откако лекарите на британската кралица Елизабета Втора изразија загриженост за нејзиното здравје.

Неколку десетици Британци и туристи се собраа на дождот, загрижени за здравјето на кралицата (96), која престојува во замокот во Балморал во Шкотска.

Британската телевизиска мрежа Би-Би-Си објави дека нејзиниот внук, принцот Вилијам пристигнал во Шкотска заедно со неколку членови на кралското семејство.

Во соопштението на кралската палата, кое предизвика длабока загриженост во јавноста, се наведува дека по прегледите утринава лекарите одлучиле кралицата да остане под медицински надзор.

Американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил „во мислите се со (британската) кралица (Елизабета Втора) и нејзиното семејство“, изјави денеска портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.

Во телефонски разговор со неколку светски лидери, вклучително и британската премиерка Лиз Трас, американскиот претседател дал до знаење дека „многу мисли на кралицата и народот на Обединетото Кралство“, рече Кирби. Тој истакна дека Бајден е редовно информиран за ова прашање.

Канадскиот премиер Џастин Трудо и посака брзо закрепнување на британската кралица. „Моите мисли и мислите на Канаѓаните во целата земја сега се со нејзиното височество кралицата Елизабета Втора. И посакуваме брзо закрепнување и ги испраќаме нашите најдобри желби до кралското семејство“, напиша Трудо на Твитер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.