Владата на новоизбраниот претседател на Бразил Луис Инасио Лула да Силва ќе има 37 министри, односно многу повеќе од владата на Жаир Болсонаро, која имаше 23 министри, соопшти идниот кабинет на претседателот.

Иако бројот на сектори се зголеми за 60 отсто за време на третиот мандат на Лула да Силва, кој почнува на 1 јануари, неговиот кабинет вели дека бројот на државни службеници кои работат во министерствата ќе остане практично непроменет.

Претседателот (Лула) побара од нас да ги распарчиме министерствата, но без да отвориме нови работни места. Трошоците и обемот на расходите ќе бидат исти, без разлика на бројот на министерствата. Одлучивме владата да има 37 министерства, изјави министерот за социјални работи Руи Коста.

Според неговите зборови, ќе се формира Министерство за автохтони народи, кое ќе го води претставник на тие народи.

Лула да Силва (77) по трет пат ќе биде претседател на Бразил, по два мандати од 2003 до 2010 година. Во неговиот втор мандат во владата имаше 37 министри.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.